Славица Гаџова Свидерска (1984, Битола), доктор на филолошки науки, поет, есеист, книжевен теоретичар и преведувач. Ги објавила поетските збирки Бесконечност (2001), Писма (2012), Политики на љубовта (2015) и Тела (2016) и научната студија Книжевноста и дискурсите на моќта (2013). Учествувала на бројни поетски фестивали и е добитничка на голем број награди, меѓу кои Енхалон на Струшките вечери на поезијата (2012) и Караманов (2016). Нејзината поезија е преведувана на англиски, кинески, словачки, чешки, српски, хрватски, босански, италијански и албански јазик. Се занимава со проучување на врските меѓу книжевноста, дискурсите на моќта и политичкото насилство.
Книжевните студии во книгата За смислата и апсурдот, претставуваат извонредни есеистички и книжевно-херменевтички текстови што ги отвораат горливите прашања за човекот и светот како што се моќта, насилството, потрагата по вистина и смисла, релативноста на перспективите и светогледите. Човековата потрага по смисла често запаѓа во стапиците на апсурдот, па затоа оваа книга го добила токму овој наслов.