Маријана Јанческа е родена во 1987 година. Дипломирала на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Факултетот „Блаже Конески“ во Скопје, а магистрирала на Институтот за македонска литература. Застапена е во домашни и странски зборници за проза и поезија. Ова е нејзина прва теоретска книга.
Јанческа спаѓа во талентираните истражувачи од областа на хуманистиката, кои храбро се движат низ повеќе дисциплини (културологија, антропологија, философија, книжевна теорија и критика, компаратистика) и храбро се фаќаат во костец со сериозни теми и проблематики, во случајов со синдромот обезгласеност. Промислувајќи го овој синдром, Јанческа тргнува од комплексната проблематика на идентитетот, разгледувајќи го од различни перспективи, за да стигне до категоријата на општествено-културниот и историски Друг, кој секогаш помагајќи му на истото да се дефинира, останува исклучен и без можност да проговори. Книжевно-културолошката херменевтика на Јанческа се занимава со маргинализираните субјекти и други, кои од позиција на абјект и далеку од позицијата на моќта, не ја добиваат можноста да се искажат и да се впишат во дискурсот на општествената сегашност.
Славица Гаџова Свидерска