Главен лик во романот Вампир е поетот Зенон, кој емигрира и се населува во Лондон. Таму наоѓа животна стабилизација, како и својата убава свршеничка Бетси. Неговиот идиличен живот се нарушува во моментот кога под влијание на неговиот пријател Џо, индискиот гуру Махатма и прекрасната и таинствена Дејзи, почнува да ги открива тајните на спиритуалноста, кои целосно го опседнуваат. Фасциниран од она што го гледа и чувствува, станува дел од многу мрачни сеанси, на кои е сведок во сатанистичките ритуали. Неговото секојдневие дополнително го комплицира појавувањето на Ада, која е причината за неговото напуштање на Полска. Вампир е мошне нетипична креација во творештвото на Рејмонт, инспирирана од неговото лично доживување на Лондон. Неспокојна, исполнета со паранормални појави, го отсликува духот на епохата полна со спиритизам и окултизам, што всушност говори за длабоката заинтересираност на писателот за нив. Романот е истовремено приказна за неисполнетата љубов кон татковината, за егзилот и за сложеноста на патиштата што водат до новиот дом.