Славица Урумова – Maрковска е родена во 1987 година во Скопје. Авторка е на пет книги поезија и тоа: Кога љубовта цвета, Лавиринт на љубовта, Сложувалка, Искра на љубовта и Пајтон на времето. Застапена е во голем број зборници и поетски алманаси во земјава и регионот и учествувала на повеќе поетски фестивали.
Песните поместени во поетскиот ракопис со наслов Потези, од авторката Славица Урумова – Марковска е ракопис со широк поетички и тематски дијапазон. Лирскиот субјект во поезијата на Урумова – Марковска доживува најразлични метаморфози и артикулации: движејќи се од интимистичкиот простор на себе-преиспитување и интроспекција преку модалитетите на лирско-љубовно обраќање до Другиот и субејктот што е преокупиран со „малите нешта“, наспроти „големите теми и наративи“.
Во семантички густите стихови, може да насетиме еден ангажиран поет со речиси „апокалиптички визии“ за крајот на еден стар, уморен свет, и раѓањето на еден „вештачки свет“, кој всушност има обратна еволутивна логика. Поетската книга Потези претставува вистинско освежување на македонската поетска сцена, со неколку свои карактеристики: храбро и бестрашнпо експериментирање со поетските стилови, поетско разногласие и суптилен елемент на поетска ангажираност.
д-р Славица Гаџова Свидерска