Кревајќи го својот моќен, бескомпромисен глас и крик против сите варијации и верзии на „политиките на стравот“, нашата авторка успева да го закотви и да го победи стравот, не со очај, бегство или со некаков игнорирантски став, туку со наоѓање/креирање мирно, спокојно, сигурно, речиси магиски заштитено, место/катче. Токму во тоа циклично повторување на почетокот и крајот, е излезот, спасот од ирационалниот страв во овој свет овде и сега. Во оваа смисла, и низата јазични игри во збирката „Политики на стравот“, ја заговараат дијалектиката помеѓу хаосот и космосот.
д-р Лидија Капушевска-Дракулевска
Најновиот поетски ракопис на Славица Гаџова Свидерска е надоврзување на нејзините претходни поетски книги што задираат во прашањето за местото на индивидуата во светот, немирот кој го носи современото живеење и двоумењето што е, всушност, животот. Нејзината желба да копа подлабоко од површината, да ги истражува скриените одаи на човековата душа е присутна уште во насловот на стихозбирката „Политики на стравот“.
м-р Маријана Јанческа